Monday, October 12, 2026

🌐 Тема 2: Онлајн живеење

 

Компјутерска мрежа, интернет, веблокација и вебпрелистувач

Денес започнуваме со новата тема „Онлајн живеење“. Дали некогаш сте се запрашале како вашиот компјутер или телефон може да отвори игра, видео или текст кој се наоѓа на другиот крај на светот? Ајде да откриеме!


1. Што е компјутерска мрежа и Интернет? 🖥️🔗💻

За да можат компјутерите да „зборуваат“ меѓу себе и да разменуваат податоци (слики, видеа, пораки), тие мора да бидат поврзани. Тоа поврзување се нарекува компјутерска мрежа.

Во зависност од тоа колку е голема мрежата, ги делиме на две основни групи:

  • LAN (Локална мрежа): Ова е мала мрежа. На пример, сите компјутери поврзани во нашата училница по информатика или уредите поврзани на вашиот домашен рутер прават LAN мрежа.

  • WAN (Глобална мрежа): Ова е огромна мрежа која поврзува компјутери низ цели градови, држави и континенти.

🌍 Интернетот е најголемата компјутерска мрежа во светот! Тој е всушност „мрежа од мрежи“ (најголемата WAN мрежа) која ги поврзува сите уреди на планетата.




2. Веблокација, вебстраница и хиперлинк 📖

За да го разбереме Интернетот, ќе го споредиме со библиотека.

  • Веблокација (Website) е како една цела книга. Таа има своја намена и содржи многу информации на едно место.

  • Вебстраница (Webpage) е само еден лист (една страница) од таа книга.

Која е намената на веблокациите? Тие можат да бидат:

  1. Едукативни (за учење, како Wikipedia или нашиот училишен блог).

  2. Забавни (за игри, музика и видеа, како YouTube).

  3. Комерцијални (за купување и продавање, како онлајн продавници).

  4. Професионални (официјални страни на компании или институции).

🔗 За да се движиме од една вебстраница на друга, користиме хиперлинкови. Хиперлинкот може да биде текст (обично подвлечен и во сина боја) или слика. Кога ќе кликнеме на него, тој како „магична врата“ нè носи на нова страница! 

Ајде да провериме!

Веб страна на нашето училиште



3. Вебпрелистувач наспроти Вебпребарувач 🔍 (Внимавајте, има разлика!)

Многу често овие два поимa се мешаат. Ајде да ги разјасниме:

🚀 Вебпрелистувач (Web Browser): Ова е програмата (апликацијата) што ја отвораме на нашиот уред за да влеземе на Интернет. Најпознати се: Google Chrome, Mozilla Firefox, Microsoft Edge, Safari.
Карактеристики на прелистувачот (алатки):

  • Табови (Tabs): Ни овозможуваат да отвориме повеќе различни вебстраници во еден ист прозорец истовремено.

  • Лента за адреса: Местото каде што ја пишуваме точната адреса на веблокацијата.

  • Копчиња Назад/Напред (Back/Forward): За враќање на претходната страница.

  • Освежи (Refresh): За повторно вчитување на страницата.

🕵️‍♂️ Вебпребарувач (Search Engine): Ова е веблокација (страница) која ја отвораме ВНАТРЕ во прелистувачот, за да бараме информации кога не ја знаеме точната адреса. Најпознати се Google, Bing, Yahoo.



4. Делови на Интернет адреса (URL) 🏷️

За да стигнеме до некоја веблокација, потребна ни е нејзината точна Интернет адреса (URL). Секоја адреса има свои делови.
Пример: https://www.schools.mk

  • https:// - Протокол (правило за безбеден пренос на податоци).

  • www - World Wide Web (светска мрежа).

  • schools - Име на доменот (името на веблокацијата).

  • .mk - Наставка/екстензија (покажува дека сајтот е од Македонија. Други примери: .com за комерцијални, .org за организации, .edu за образование).



🎯 Практични активности: Што ќе работиме денес?

За да го утврдиме знаењето, на денешниот час ќе ги имаме следните предизвици:

  1. Интернет детективи:  Ќе ги разгледаме адресите дадени во задачата и вие самите ќе ги отворите. Заедно ќе дискутираме: Дали оваа страница е едукативна, забавна или комерцијална? Што има на неа? И ќе проверете дали вашата претпоставка е точна!

  2. 1. Наставка .com или .com.mk (Комерцијални / Компании)

    Ова се страници наменети за бизнис, продажба или забава.

    • lego.com – Што мислите дека продава оваа компанија? (Лего коцки - глобална страница)

    • google.com – Ова е веб-пребарувач (алатка за барање други страници), а самата по себе е комерцијална компанија.

    • literatura.mk – Комерцијална страница во Македонија (книжарница). (Забелешка: Во Македонија често комерцијалните субјекти користат само .mk наместо .com.mk).

    2. Наставка .gov или .gov.mk (Владини институции / Government)

    Ова се официјални страници на државни институции.

    • nasa.gov – Американската вселенска агенција – НАСА, ќе видите многу слики од вселената

    • mon.gov.mk – (Министерство за образование и наука на РСМ). 

    • president.mk – Страницата на Претседателот на државата (често владините институции кај нас го користат само .mk, но припаѓаат во овој сектор).

    3. Наставка .edu или .edu.mk (Образовни институции / Education)

    Овие страници припаѓаат на училишта, факултети и универзитети.

    • ukim.edu.mk – Најголемиот универзитет во Македонија („Св. Кирил и Методиј“).

    • harvard.edu – Еден од најпознатите универзитети во светот.

    • ooubrakamiladinovci.edu.mk, Страницата на нашето училиште

    4. Наставка .org или .org.mk (Организации / Organization)

    Најчесто се работи за непрофитни организации кои помагаат за некоја цел.

    • wikipedia.org – Најголемата бесплатна енциклопедија на интернетот (одличен пример за страница која не продава ништо, туку споделува знаење).

    • crvenkrst.org.mk – Црвен крст на Република Северна Македонија (локална организација која помага на луѓе).

    • wwf.org – Светски фонд за природа (World Wildlife Fund). 

    5. Наставка .net (Мрежи / Network)

    Порано се користеше само за интернет провајдери, денес е поширока, но еве еден забавен пример:

    • speedtest.net – Отворете ја оваа страница и измерете ја брзината на интернетот во училиштето!


    💡 Тек на активноста „Интернет детективи“:

    1. Разликување на поимите: Отворете го својот веб-прелистувач (Google Chrome, Edge, Mozilla Firefox, Safari). Тоа е „возилото“ со кое патувате на интернет.

    2. Анализа на адресата: Погледнете ги адресите запишани погоре 

    3. Погодување: Погледнете во наставката (.com, .gov, .edu) и погодувете за каков тип на локација станува збор.

    4. Проверка: Впишете ја адресата горе во лентата за адреси (Address bar) во прелистувачот и притиснете Enter. Кога ќе се отвори страницата, потврдете дали вашата претпоставка беше точна.

    5. Зашишете во тетратка кои страници ви бие најинтересни и дали би ги посетувале почесто?


Квиз: Компјутерска мрежа и интернет 🌍

1. Што е компјутерска мрежа?

а) Компјутерска програма за пишување текст.
б) Поврзување на компјутерите за да „зборуваат“ и разменуваат податоци.
в) Дел од компјутерот кој служи за играње игри.
г) Видео или слика на вашиот телефон.

2. Како се нарекува малата компјутерска мрежа (на пр., во училницата или дома)?

а) WAN (Глобална мрежа)
б) LAN (Локална мрежа)
в) Интернетикс
г) Веб-страница

3. Која мрежа поврзува компјутери низ цели градови, држави и континенти?

а) LAN
б) Домашна мрежа
в) Рутер
г) WAN

4. Што претставува Интернетот?

а) Најголемата компјутерска мрежа во светот („мрежа од мрежи“).
б) Мала локална мрежа која ја користиме само дома.
в) Посебен компјутер што се наоѓа на другиот крај на светот.
г) Апликација за праќање пораки.

5. Какви податоци разменуваат компјутерите кога се поврзани во мрежа?

а) Само тастатури и глувчиња.
б) Слики, видеа и пораки.
в) Само видео игри.
г) Компјутерите не можат да разменуваат податоци.