Sunday, November 23, 2025

Поим за алгоритам и програма

 

Што е алгоритам?


Поимот алгоритам порано најчесто се користел за аритметички постапки, но со развојот на компјутерите, изразот добива поопшта смисла, надвор од аритметичките постапки.

Најчесто се поврзува со математичките и компјутерските науки каде:

Алгоритам претставува процедура или формула за решавање на некој проблем.


Алгоритам во пресметковен проблем

Голем број на пресметковни проблеми можат да се решат со некој алгоритам.

Пример: Да се најде бројот кој стои на местото на прашалникот:

?+2=5


Кои постапки ги примени?

Што е она што го пресмета?


?+2=5

Инструкција1: Да се префрли бројот 2 од другата страна со спротивен знак кој е оној пред 2 

?=5-2

Инструкција2: Да се изврши операцијата одземање:

?=3





Алгоритам од секојдневниот живот:

Правење палачинки:

1. Во еден сад да се изматат 3 јајца

2. Да се додаде 50 гр. шеќер, 250 гр. брашно, 30мл масло, 250мл вода и 250 мл млеко

3. Смесата да се измати

4. Да се загрее во тавче лажица масло 3 мин.

5. Да се стави во тавчето една црпалка за супа од смесата

6. Да се пече од едната страна една минута

7. Да се преврти смесата од другата страна

8. Да се пече една минута

9. Да се извади од чинијата

10. Да се намачка со мармалад

11. Да се завитка во ролат



Дефениција за алгоритам

Алгоритам претставува постапка со која се извршува некоја работа преку задавање на општи чекори кои:

- Имаат даден „влез“ (нешто од каде почнува работата)

- Постапката е конечна низа од добро дефинирани инструкции (чекори) и правила кои еден човек би можел да ги изврши без никакво размислување

- Даваат одреден „излез“ (ја извршуваат работата)

Кои се елементите за правење палачинки?

Влез: Брашно, шеќер, јајца, млеко, вода, масло, сад
Постапки: Чекорите за правење
Излез: Палачинки

Што се бара од еден алгоритам?

- Алгоритмите треба да бидат недвосмислени, јасни, прецизни
- Треба прецизно да е утврден редоследот на извршувањето на инструкциите
-Треба да е разбирлив за секого, независно кој го напишал

Важно: За даден проблем може да се напишат различни алгоритми и сите да бидат точни!
 
Погледни го видеото:




Задачи:

1. Дали можете да направите алгоритам за варење турско кафе?

2. Дали можете да направите алгоритам за јавување преку телефон?

3. Дали можете да направите алгоритам за припрема за час?

4. Дали можете да напишете алгоритам за играње на играта „не лути се човече“?


Инструкции


Инструкциите се јасно дефинирани едноставни наредби или чекори кои треба да се изведат за да се постигне одредена цел.

- Инструкциите треба да се едноставни, односно најчесто да содржат едно барање
- Инструкциите треба да се јасни, што значи да даваат прецизни, недвосмислени наредби, разбирливи за оној што треба да ги изврши
- Редоследот на инструкциите треба да е правилен


Програма

Програма претставува множество (низа, листа) од инструкции за решавање на одреден проблем со компјутер.

- Програмата мора да биде извршена од компјутер, односно програмите му кажуваат на компјутерот како да реши одреден проблем
- За да работат компјутерите потребни се програми

Програмите се всушност алгоритми напишани на јазици кои се специјално дизајнирани за да бидат разбирливи за компјутерите.


Sunday, November 16, 2025

Набројување


Набројување е начин на подредување на содржина во листа – список. Пред набројуваната содржина во листата може да се поставуваат редни броеви, букви или знаци. При набројувањето може да биде битен редоследот на набројуваната содржина или набројуваната содржина може да биде со произволен редослед.

 1. Ако редоследот на набројуваната содржина не е битен за набројувањето може да се користат знаци. 

2. Ако редоследот на набројуваната содржина е битен за набројувањето може да се користат броеви или букви. 

3. Содржината може да се набројува со комбинација на броеви (букви) и знаци.




 Дали некогаш ви се случило да пишувате долг список со набројувања под редни броеви и по азбучен редослед и на крајот да забележите дека сте испуштиле некој ред од почетокот на списокот? Треба да го препишувате целиот список и да ги менувате редните броеви на редовите од испуштениот ред па до крајот на списокот.



АВТОМАТСКО НАБРОЈУВАЊЕ

 Затоа програмите нудат многу добро решение за овој проблем без да препишете ни знак од списокот - автоматско набројување. Автоматското набројување овозможува да се прават списоци во кои автоматски се поставуваат броеви на редовите. На овој начин може да се прават измени во списокот со додавање и бришење на редови, а броевите секогаш ќе бидат подредени.





АКТИВНОСТИ СО СЛИКИ И ЦРТАЊЕ ГРАФИЧКИ ОБЈЕКТИ

 

                   Текстовите на која било тема секогаш се поинтересни и попривлечни за оној за кого се наменети ако во нив има и слики со кои се надополнува и нагласува значењето на текстот. 


                    ПОСТАВУВАЊЕ СЛИКИ ВО ТЕКСТУАЛЕН ДОКУМЕНТ

            Корисникот може да поставува во документот готови слики од галеријата на програмата или свои слики – цртани во некоја графичка програма, фотографии, слики од Интернет итн. Слики од фолдери на корисникот се внесуваат со:

             Insert → Picture → „From file“ (Вметнување → Слика → „Од датотека“)

            по што се избира локацијата на сликата која треба да се постави во документот.


            Избраната слика се прикажува во документот на местото каде што трепка курсорот. Пред да се внесе сликата треба да се постави курсорот на местото каде треба да се прикаже сликата. 

                    АКТИВНОСТИ СО СЛИКИ

                 Сликите може да се менуваат на различни начини: по димензија, боја, може да се ротираат, да се поставуваат рамки околу нив, да се пишува околу или врз нив и слично.

                Најголемиот дел од промените на изгледот на сликата: ротација, сечење, промена на боите, контрастот на бои и сл. се прават со алатките од лентата „Picture Tools“ која се вклучува со селектирање на сликата:

                 Picture Tools → Format 

           
             ПРОМЕНА НА ДИМЕНЗИИ НА СЛИКАТА


                 Најчесто користена промена која се прави на сликите е промената на нивните димензии. Тоа се постигнува со клик на сликата. Околу сликата се појавуваат црни квадратчиња кои со дијагонално, хоризонтално и вертикално влечење, во двете насоки, ги менуваат димензиите и изгледот на сликата.

             ЦРТАЊЕ ГРАФИЧКИ ОБЈЕКТИ (ФОРМИ)

                Во Word документот може да се цртаат графички објекти. Се цртаат со избор на соодветните алатки за цртање: Insert → Shapes