Monday, February 19, 2024

Програмирање и програмски јазици


        За да работат компјутерите потребни се програми. Програмите се напишани на јазици кои се специјално дизајнирани, со ограничено множество на инструкции. Овие јазици се наречени програмски јазици. 
          Програмски јазик е вештачки јазик и се користи за пишување програми, односно софтверот на компјутерот. 
    Компјутерско програмирање се дефинира како процес на создавање на компјутерска програма со користење на програмски јазик.



        Во почетокот програмските јазици личеле и по логиката на програмирањето биле слични со машинскиот јазик (машинскиот јазик се состои од наредби кои се изразуваат само со нули и единици т.е. само со бинарни цифри). 



        Но, наместо да се учи мајчиниот јазик на компјутерот (машински јазик), развиени се виши програмски јазици кои имаат приказ на наредби слични на секојдневниот јазик. Пример: Basic, C (C++), Visual Basic, Python, Java итн.


Луѓето кои ги креираат (пишуваат) компјутерските програми се викат програмери.



Фази во процесот на изработка на компјутерска програма:

    1. Aнализа на проблемската ситуација и разгледување можни решенија.
    2. Изработка на алгоритам за решение на проблемската ситуација.
    3. Kодирање на алгоритамот. Запишување на алгоритамот како низа од наредби во избран програмски јазик се вика програмски код или изворна програма.
    4. Преведување на изворната програма во извршна програма. Изворната програма не е разбирлива за компјутерот. Таа мора да се преведе во машински јазик (во кој инструкциите се запишуваат со 1 и 0) за да биде разбрана и извршена од процесорот. Изворната програма преведена на машински јазик се вика извршна програма. За преведување на изворната програма во извршна програма се користат програми преведувачи наречени компајлери.
    5. Корекција на грешки (синтаксни, логички). Преведувањето на изворната во извршна програма ретко кога е без грешки. Програмата преведувач го известува програмерот за направените грешки во изворната програма кои мора да бидат поправени за наредбите да можат да се преведат во машински јазик. Синтаксните грешки се однесуваат на неправилно напишани зборови од програмскиот јазик, неправилно користени или испуштени интерпукциски знаци и сл. и најчесто се поправаат при преведувањето на изворната програма со помош на преведувачот. Логичките грешки треба да ги открие и поправи програмерот при тестирањето на извршната програма. Логичките грешки обично се викаат багови (bugs) и за нивно откривање се користи програма дебагер.
    6. Тестирање на програмата. Тестирањето се прави од страна на програмерот или корисниците за кои е наменета програмата. Програмата мора да работи правилно за различни вредности кои го внесува корисникот или да оневозможи погрешно внесување вредности во програмата преку пораки и сл. до корисникот.

1 comment:

  1. This comment has been removed by a blog administrator.

    ReplyDelete